Thursday, October 24, 2013

КАКО ДА ГО НАУЧИТЕ ВАШЕТО ДЕТЕ ДА ЈА САКА МАТЕМАТИКАТА ?



КАКО ДЕЦАТА ДА ЈА ЗАСАКААТ МАТЕМАТИКАТА ?


Како што ние возрасните треба да бидеме мотивирани за да го дадеме нај доброто од себе, така е и со нашите деца. Тие не се ништо поразлични од нас возрасните. Ние како родители треба да се трудиме да ги мотивираме нашите деца. За децата е важно да ја потхрануваме нивната самодоверба. Учењето математика треба да започне уште од најмала возраст. Математиката за многу деца е тешка и здодевна, но таа може да биде забавна и интересна, доколку децата ја учат од најрана возраст преку игра и забава. 



ЕВЕ НЕКОЛКУ ПРЕДЛОЗИ КАКО ВАШЕТО ДЕТЕ ДА ЈА ЗАСАКА МАТЕМАТИКАТА

1. Преку играње игри. Шахот е една од игрите која што помага, децата да планираат стратегии брзо да пресметаат и да го направат следниот потег. Тие треба брзо да размислуваат, а со тоа нивниот ум се изострува и тие се способни за брза реакција.
Играњето со топка исто така може да биде извор од кој децата учат математички вештини.

2. Децата треба секојдневно да го осознаваат светот, со тоа што во секоја згодна прилика би биле надвор, на пример на прошетки, посета на театри, музеи, патувања и др. На тој начин детето не е изолирано, туку има директна врска со реалниот свет, преку што тоа осознава и учи како да резонира, а со тоа ја јакне и самодовербата која што во математиката е толку многу потребна.
Играта и релаксираната средина го прави учењето математика многу полесно.

3. Преку математиката се подобрува меморијата. Со повторување на одредени проблеми и нивно решавање, децата меморираат, па во друга прилика кога пред нив ќе се исправи нов проблем, тие ќе се способни да се справат со него, што значи градат долгорочна меморија.

4. Децата преку математиката учат да поставуваат цели, а вие мотивирајте го вашето дете да ја постигне целта. Децата треба да си постават цел и да имаат замисла како да ја решат зададената задача. Секогаш започнете со поедноставни задачи. Откако вашето дете ќе ја реши задачата одете на малку повисоко ниво. Значи она што треба да го направите е постапно детето да преминува од едно ниво на тежина на решавање математички задачи во друго со поголема тежина. Тоа ќе го научи вашето дете да си поставува цели и да работи на нивно реализирање, а со тоа ќе чувствува задоволство и самопочит.

5. Користете веб-страници и блогови кои што ви се на располагање, а обработуваат математички теми. Многу од овие веб-страници имаат математички забавни игри, логички игри и активности за деца поврзани со математиката.

6. Секогаш наградете го вашето дете со пофални зборови, и одберете згодно место во домот за да ги истакнете достигнувањата на вашето дете, за да тоа секогаш може да го види сработеното.Покажете му на вашето дете дека се гордеете со него. 

7. Математички вештини може да стекне вашето дете и преку учење историја и географија, преку користење разни мапи и географски карти.Учејќи како да ги користи односно да ги чита мапите, да најде информација за локација, растојанија и др. , не само што учи за светот туку учи и математички вештини.

8. Математика може да се учи и преку музика. Доколку вашето дете посетува часови по гитара, пијано или друг инструмент , тоа не учи само музика туку и математика, но на поинаков начин. Секој вид на музика бара одреден вид математички вештини.

9. Учете математика со вашето дете преку приказни, гатанки, досетки, шеги и логички вежби. Преку приказните и гатанките децата ја учат основата на математиката. Тие уживаат во приказните и гатанките, а на тој начин би ја засакале и математиката.

10.Овозможете му соодветен простор на вашето дете, за да ја напише домашната задача по математика, на тој начин мотивирајте го добро да се организира, а не својата домашна да ја пишува на подот слушајќи музика. На тој начин детето при пишување на домашната би имало добри услови да се сконцентрира и успешно да ја сработи домашната задача.


АКО ЛУЃЕТО НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА МАТЕМАТИКАТА Е ЕДНОСТАВНА, ТОА Е САМО ЗАТОА ШТО ТИЕ НЕ СВАТИЛЕ КОЛКУ ЖИВОТОТ Е КОМПЛИЦИРАН.

JOHN VON NEUMANN

No comments:

Post a Comment