БАДНИКОВАТА ВЕЧЕРА И БОЖИЌ ПОМИНЕТЕ ГИ ВО ТОПЛА ПРАЗНИЧНА АТМОСФЕРА
Јануари е исполнет со празници, но денот на Христовото раѓање има особено значење за сите нас и не прави посебно среќни. Божиќ е празник кој за нас христијаните претставува радост. Бадниковата вечера и Божиќ се прославуваат во топла семејна атмосфера, а украсувањето на домовите допринесува да се почувствува свечениот дух. Бадниковата вечера е посна и се подготвуваат посни јадења. На бадниковата трпеза треба да се најдат црвено вино, суво овошје, зелник, риба, посна сарма, костени, ореви и др. Исто така треба да има бадниково гранче, жито, гранче дрен, кои се симболи на Бадник и Божиќ.
Некогаш бадниковата вечера се поставувала на подот со слама и жито, додека денес Бадниковата вечера се поставува на трпезариска маса, а сламата и житото се ставаат под неа. Со помош на вашата креативна фантазија можете да направите убави декорации со симболите на Бадник и Божиќ. Сламата претставува симбол кој ги претставува јаслите на кои е положено Христовото тело по неговото раѓање. Од сламата можете да изработите пригодни аранжмани во вид на корпи или да направите гнезда кои можете да ги ставите на разни места во домот. Во овие корпи, односно гнезда ставете ги симболите на Бадник и Божиќ, како што се : жито, ореви, костени, лешници, суво овошје и сл. Можете да додадете и шишарки, а бадниковото гранче да го украсите со црвена машничка. Гранчето дрен симболизира добро здравје, еластично е, па можете лесно да го свиткате и да направите венче кое ќе го поставите на вратата од вашиот дом. Исто така потребно е на трпезариската маса да поставите свеќа која можете исто така да ја декорирате со гранче од дрен и слама, а пламенот од свеќата ќе и даде посебен сјај на Бадниковата вечера.
На крајот ви посакувам претстојниот голем христијански празник Божиќ да го поминете во пријатна и топла семејна и празнична атмосфера !
СРЕЌЕН БОЖИЌ !
No comments:
Post a Comment